На големо задоволство на прилепските љубители на најслободната музичка форма и воопшто на урбаното живеење, во градот под Марковите кули во рамките на овај фестивал, кој за прв пат се одржа во периодот од 20-22 септември во 2012 година, музицираше елитата на македонската џез сцена, а она што присутните имаа можност да го видат и доживеат на малата сцена во Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе го паметат уште долго време.
Летечки Пекинезери со својата младешка енергија, инвентивност и својот карактер на изразување ни овозможија да уживаме во новата шармантна џез сцена во Македонија, со искуство на романтичен црно-бел филм, додека Тотал Џим, проектот на музичари, како тромбонистот Владан Дробицки ( „Сетстат“), Џоле Максимовски и Дино Милосављевич („Кабадајас“ и „Влатко Стефановски трио“) и Васко Бојаџиски, добро познати на прилепската публика, чија музика е резултат на современиот урбан живот под силно влијание на народните ритми, кои зад себе имаат 2 албуми и извонредни настапи во македонските клубови и во повеќе концертни сали во странство, се претставија во свое „The best” издание. Со нивниот настап, првиот Интермецо џез викенд, како обид за поинаков Прилеп беше повеќе од успешен.
Следната вечер беше резервирана за искусниот пијанист, композитор и аранжер Дамир Имери кој настапи со своето трио и потентниот гитарист Ѓорѓи Шарески и неговите соработници, а за финалето беа оставени џез пејачката Марија Димитриевиќ Георгиева која го претстави материјалот од својот единствен албум „Make Someone Happy“ и еден од двигателите на ваквите субкултурни стремежи кај нас – Тони Китановски, овојпат во формација со Иван Бејков на бас, Иван Иванов на саксафон и Оскар Салас на тапани.