The Local Blue – Prilep Jazz Weekend – 2025

𝗧𝗛𝗘 𝗟𝗢𝗖𝗔𝗟 𝗕𝗟𝗨𝗘 e музичка група од Скопје, во која членуваат четворица млади, но сепак добро познати музичари во се’ побогатата алтернативна сцена на овие простори. Тричленото јадро на бендот го сочинуваат Кристијан Савиќ, Панде Ефтимов и Кристијан Новковски, во чиј трио формат зад себе ги оставија албумите „Project Blue Beam“ (2018) и „2nd Landing“ (2020) издадени од Мирко Попов за PMG Recordings.

Звукот на The Local Blue би можел да се опише како инструментален краут рок со забележливи психоделично-динамични акценти. Уникатна спојка на една звучна палета од психоделичен, стоунер, спејс и пост рок. Сепак, афинитетите кон музичка слобода својствени во изразот на секој од членовите, им допуштаат на композициите да прогресираат секоја на свој уникатен начин, зависно од моменталното чувство, носејќи го звукот на овој бенд во поширок жанровски опсег. Токму желбата за слобода во изразувањето и отвореност кон се’ поширок спектар на музички изрази од различни стилови, доведе до проширување на матичното трио со уште еден член. Станува збор за Нинослав Спировски, кој е еден од најистакнатите саксофонисти од новиот бран на македонската слободна џез сцена, со долгогодишно искуство и во гитарската музика, првенствено преку работата со Fighting Windmills, а подоцна и во бучниот и жесток панк-џез звук на Светлост. Со ова проширување на поставата бендот својата отвореност во звучното експериментирање со разните изрази од доменот на гитарската музика ги надополни и со типичен современ џез израз. Бендот моментално работи на својот трет албум, кој се очекува наскоро да излезе за PMGJazz.

– Нинослав Спировски – тенор саксофон

– Кристијан Савиќ – гитара

– Панде Ефтимов – бас

– Кристијан Новковски – тапани