Влатко Стефановски е роден во 1957 година во Прилеп, Македонија во една театарска фамилија. Започна да свири гитара на тринаесетгодишна возраст, а во доцните тинејџерски години ја формира групата ЛЕБ И СОЛ, која стана еден од најзначајните имиња во музичката сцена на поранешна Југославија. ЛЕБ И СОЛ зад себе има 14 албуми и турнеи низ целиот свет.
Од средината на деведесеттите години Стефановски продолжи со успешна соло кариера. Тој има снимено извонредни соло изданија, како Каубојци и Индијанци, Сараево, Влатко Стефановски трио, Кула од карти, Громот од синото небо и многу други.
Соработката со Мирослав Тадиќ на албумите Крушево, Трета Мајка, Live in Beograd, и Live in Zagreb фрли ново светло на работата на Влатко со акустична гитара, а уште повеќе на неговите понатамошни истражувања на македонската традиционална музика.
Во последните неколку години, тој свиреше и снимаше со многу врвни уметници од светски ранг, како Tommy Emmanuel, Stochelo Rosenberg, Џибони, Јан Акерман, Теодосиј Спасов, Стефан Миленковиќ, Kudsi Erguner, Бојан З., Ману Katche, Тони Левин, и многу други. Неговата најнова работа, исто така, вклучува музика за филм, театар и балет.
Како солист Влатко настапувал и снимал со бројни оркестри и ансамбли, како што е London Simphony Orchestra, MDR Leipzig Simphony Orchestra, Monte Carlo Philcharmony Orchestra, Tonkunstler Orchestra од Виена, Simphonieta Orchestra од Софија, Словенечка филхармонија – Љубљана, Студентскиот симфониски оркестар од Скопје Македонија, FoolCool Jazz Big Band, РТВ Љубљана Биг бенд, хрватскиот ХТВ Биг бенд, РТВ Србија Биг бенд итн.
Стефановски е добро познат по својата единствена техника на гитара и тон. Со неговото Влатко Стефановски Трио настапува низ целиот свет. Во 2007 година Стефановски беше назначен за Почесен доктор во областа на уметноста на Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје. Живее во Скопје со своето семејство и има добро опремено студио – Esoteria Sound Studio.
Влатко Стефановски – гитара
Ѓоле Максимовски – бас
Дино Милосављевиќ – тапани